Како што минатата година изјави првиот човек на Црвена Звезда, Небојша Човиќ, оваа екипа нема императив да оствари голем резултат во Евролигата и тоа го потврдува и оваа сезона.
На седум кола пред крајот на основниот дел од елитното натпреварување, Звезда се наоѓа на 16. место на табелата, а денеска загуби на гостувањето кај Баерн со 66-74. Тоа е 17. пораз на „црвено-белите“ кои во последната деценија само еднаш се пласираа во плејофот од Евролигата и покрај огромните вложувања во тимот. Дури и најголемите навивачи на српскиот шампион се помирија дека евролигашкиот воз е поминат и дека сите сили треба да се насочат кон АБА лигата.
Денеска Звезда беше рамноправна, дури и подобра само во воведниот дел од мечот кога водеше и со 19-10. Одговорот на Баерн беше суров, со серија од 13-0 за преземање на предноста која потоа не ја испушти до крајот. На почетокот од последниот период гостите се доближија на само два поена негатива, но Баерн брзо се врати на +7, потоа отиде и на 68-57 и стави крај на сите дилеми.
Германскиот тим сега е на само една победа од десеттото место кое води во плејинот и во последните седум кола ќе води жестока битка со Партизан, Валенсија, но и со Милано, Жалгирис и Анадолу Ефес за пласман во разигрувањето.


