По фантастичниот старт на сезоната, Црвена Звезда влезе во голема серија порази во Евролигата која сега изнесува четири меча.
Вечерва српскиот тим загуби на домашен терен од актуелниот шампион на Европа, Панатинаикос со 77-81 и сега, заедно со Алба, ја има најдолгата низа порази во елитното кошаркарско натпреварување. Интересно е тоа што три од овие четири порази се доживеани во неизвесен финишо и меѓу два и четири поени разлика.
Малку недостасуваше европскиот првак, сепак, да падне во Белград бидејќи Звезда водеше безмалку цел натпревар, а по серијата од 15-0 во втората четвртина ја достигна највисоката предност од 14 разлика (44-30) која ја повтори и во третиот период (52-38). Панатинаикос успеа да се врати во игра по серијата од 13-2, а потоа се влезе во неизвеен финиш.
По тројката на Петрушев на 67 секунди пред крајот, домаќините поведоа со 77-75, во следниот напад израмни Нан, а потоа следуваше промашување од Недовиќ. Панатинаикос имаше десетина секунди за напад, но Јаго дос Сантос направи непромислена лична грешка на средината на теренот со што му даде слободни фрлања на Браун. Американецот со шпански пасош два пати беше прецизен за 79-77 за ПАО, во последниот напад Теодосиќ промаши тројка и Нан само стави точка на мечот.
И покрај тоа што не блеска, Панатинаикос со овој триумф се искачи на второто место на табелата со биланс 5/2 колку што имаат и Барселона, Фенербахче и Баерн. Звезда остана на 12. место со 3/4, идентично како Реал и Макаби.


