Кошаркарите на Црвена Звезда претрпеа убедлив пораз на гостувањето кај Олимпија Милано (77-91), во натпревар од 12. коло во Евролигата. Италијанскиот тим, кој пред ова коло се наоѓаше на последното место на табелата, ја прекина серијата од девет последователни порази и стигна до само втората победа во досегашниот тек на натпреварувањето.
Белградскиот состав, кој допатува во Италија со амбиции за нов триумф, одигра натпревар со големи осцилации и на крајот заслужено беше поразен. Звезда настапи без Чима Монеке, а непосредно пред почетокот остана и без Џеред Батлер, но отсуствата не можат целосно да ја објаснат слабата претстава на гостите.
Олимпија Милано подобро го отвори дуелот и по првите десет минути имаше предност од 26-20. Во вториот период Звезда успеа да одговори. Крис Џонс и Џордан Нвора погодија неколку важни тројки, па гостите направија пресврт и на полувремето заминаа со минимална предност од 44-42.
Третата четвртина повторно донесе промена на односот на силите. Домаќините ја презедоа контролата, а пред последните десет минути имаа предност од 66-61. Клучниот удар го зададоа на почетокот на завршниот период, кога Џејсон Барнел постигна осум поени во низа за само една минута и ја одведе Олимпија на двоцифрена разлика (74-63). Звезда се обиде да се врати во игра, но немаше доволно сили за пресврт. Најголемиот дел од офанзивниот товар го презеде Тајсон Картер, кој беше убедливо најдобар поединец во гостинскиот состав со 21 поен. Крис Џонс додаде 10.
Кај победничкиот тим, Леандро Болмаро беше најефикасен со 15 поени, додека Џејсон Барнел и Дариус Томпсон постигнаа по 13. Македонскиот репрезентативец Мозес Рајт го заврши мечот со десет поени и пет скока. Со овој пораз, Црвена звезда го расипа својот биланс и ја продлабочи резултатската криза, додека за Милано победата има дополнителна тежина по серијата неуспеси.
Непријатно изненадување доживеа и Барселона, која загуби од Париз на домашен терен со 86-89. Францускиот состав уште од почетокот покажа дека нема намера да биде само статист во Барселона, наметнувајќи високо темпо и играјќи без респект кон фаворизираниот противник.
Клучната тројка на мечот ја постигна Надир Ифи на 14 секунди пред крајот, при нерешен резултат. Со оваа победа Париз ѝ ја прекина серијата од девет победи на Барселона во сите натпреварувања, но сега францускиот тим е во низа од пет победи во Евролигата.
РЕЗУЛТАТИ:
- Анадолу Ефес – Дубаи 75-80
- Макаби – Олимпијакос 95-97 (прод.)
- Жалгирис – Баерн 117-114 (прод.)
- Фенербахче – Асвел 115-81
- Барселона – Париз 86-89
- Басконија – Хапоел Тел Авив 82-85
- Олимпија Милано – Црвена звезда 91-77
- Партизан – Валенсија 64-76
- Виртус Болоња – Панатинаикос 84-79


