Од денеска до 4 август во Скопје ќе се одржи Европското првенство Б-дивизија за кошаркари до 18 години на кое ќе учествуваат 22 репрезентации.
Најдобрите три на првенството ќе обезбедат пласман во елитната конкуренција, а со оглед на тоа што Македонија игра на домашен терен, тлее надежта дека нашата репрезентација ќе биде една од нив. Сепак, за да дојде до завршницата и да се надева на медал, нашиот тим треба прво да ја помине групата која е исклучително силна.
Македонија е во групата Ц, една од двете со шест репрезентации од кои апсолутни аутсајдери се само Ирска и Кипар. Пласман во нокаут фазата обезбедуваат селекциите кои ќе ги освојат првите две места на табелата, а за нив Македонија ќе се бори со БиХ, Украина и Чешка. Прв противник, денеска од 18:30 часот ни е репрезентацијата на Ирска.

„Успешно завршен период е зад нас. Одигравме пет пријателски натпревари, но на три меча бевме без Луканоски, а на два без Јаничиќ, кои заедно со Стојковиќ, Ќириловски, Младеновски и Димитријев се предводници на оваа селекција. Очекувам да отвориме со победа против Ирска. Имаме информации за противникот и имавме неколку дена да се подготвиме за овој премиерен меч во групната фаза. Шанса за влез во четвртфиналето би барале преку победа над Босна и Херцеговина или Украина. Доколку победиме една од овие две репрезентации имаме реални шанси за добар резултат. Доколку не, ќе треба да се бориме за пласман во втората половина на табелата.
Морам да нагласам дека физички гледано, имаме најслаба или неспремна селекција заедно со репрезентацијата на Косово и тоа е еден од клучните фактори кои треба да ги надминеме, а во исто време е огромен хендикеп за нас во однос на другите екипи кои се присутни на првенството.
Јас сум секогаш оптимист кој секој натпревар размислува само за победа. Со повеќе залагање и малку среќа, можеби и би можеле да направиме посериозен резултат. Атмосферата во тимот е на завидно ниво, и има доста позитивна енергија што е секако важен фактор за едно вакво натпреварување“, изјави селекторот Горан Андреевски пред почетокот на првенството.
Со оглед на тоа што во нашата група има шест репрезентации, македонската репрезентација ќе има само еден слободен ден во групната фаза и тоа на 29 јули. Останатите екипи од групата веќе ги одиграа натпреварите од првото коло, БиХ го победи Кипар со 97-44, а Чешка беше подобар од Украина со 93-71. Натпреварите од Европското првенство се играат во СЦ „Борис Трајковски“ и СРЦ „Кале“. Македонската репрезентација ќе биде домаќин во СРЦ „Кале“.
СОСТАВ НА МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
- Сергеј Младеновски
- Никола Јаничиќ
- Сергеј Петровиќ
- Ристе Букрлишев
- Дарјан Димовски
- Атанасиј Трајанов
- Лука Марјановиќ
- Коста Ќириловски
- Бојан Димитриев
- Давид Петрушевски
- Марко Луканоски
- Стефан Стојковиќ
СЕЛЕКТОР: Горан Андреевски
АСИСТЕНТ-ТРЕНЕР: Един Имер
АСИСТЕНТ-ТРЕНЕР: Никола Димитриески
КОНДИЦИСКИ ТРЕНЕР: Трајче Стојанов
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА
26.07.2024 Македонија – Ирска 18:30
27.07.2024 Македонија – БиХ 18:30
28.07.2024 Македонија – Чешка 18:30
30.07.2024 Македонија – Кипар 18:30
31.07.2024 Македонија – Украина 18:30


