Најдобриот грчки кошаркар Јанис Адетокунбо ќе биде дел од својата репрезентација на квалификацискиот турнир за пласман на Олимписките игри.
Грција е домаќин на еден од турнирите што ќе се одржат од 2 до 7 јули во арената „Мир и пријателство“ и се надева дека со помош на својата публика ќе успее да обезбеди виза за Париз. Информацијата дека Адетокунбо ќе биде дел од репрезентацијата ја потврди лично селекторот Василис Спанулис.
„Да, Јанис ќе биде присутен во националниот тим“, изјави тој по денешниот плејоф натпревар меѓу неговиот тим Перистери и Олимпијакос.
Адетокунбо не играше за Милвоки во плејофот од НБА лигата поради повреда, но оттогаш помина еден месец и тој сега се наоѓа во добра физичка состојба. Според проекциите, ако нема изненадувања, во финалето од турнирот во Атина би требало да се сретнат репрезентациите на Грција и Словенија што ќе биде можност за мега-пресметка за двете големи ѕвезди Јанис Адетокунбо и Лука Дончиќ. Еден од нив, за жал, нема да настапи на Олимписките игри во Париз.


