Најдобриот македонски кошаркар во моментов Ненад Димитријевиќ нема да му биде на располагање на селекторот Александар Јончевски за првиот од двата натпревара против Литванија кои се играат идната недела.
Такво нешто можеше да се очекува и дури беше најавено кога излезе распоредот за оваа сезона, со оглед на тоа што на денот на првиот меч, 21 ноември, тој има дуел од Евролигата.
„Првиот натпревар нема да го играм затоа што истиот ден се среќаваме со Макаби во Евролигата и нема да можам да стигнам. Се надевам дека ќе бидам во комбинација за настап во Литванија три дена подоцна. Верувам дека ќе бидеме компетитивни, таа победа би ни била многу важна. Би сакал да ги задржиме шансите за пласман на Европското првенство“, изјави Димитријевиќ во интервју за Спортклуб. Вториот дуел меѓу Македонија и Литванија се игра на 24 ноември во Клаипеда.
По два меча од квалификациите, Македонија има биланс 1/1 откако на домашен терен загуби од Естонија, а на гости ја победи Полска. Сепак, Полјаците се домаќини на следното Европско првенство поради што имаат загарантиран пласман, а другите два патника ќе се бараат од Македонија, Естонија и Литванија. Многу веројатно на првиот меч нема да игра ни Ти Џеј Шортс кој на 21 ноември гостува во Истанбул кај Анадолу Ефес.


