По тешката повреда на Мустафа Фал кој најверојатно ќе ја пропушти цела следна сезона, станува извесно дека Олимпијакос ќе го побара назад позајмениот Филип Петрушев кој најголем дел од оваа натпреварувачка кампања ја помина во Црвена Звезда.
Српскиот репрезентативец има договор со Олимпијакос, но поради жестоката конкуренција на центарската позиција, побара да биде позајмен на Звезда уште во првиот дел од сезоната и Барцокас му ја исполни желбата. Сега, Петрушев има друго барање, но тренерот на Олимпијакос нема намера повторно да му излезе во пресрет.
„Барцокас сака Петрушев да се врати во тимот бидејќи тој може да придонесе на две позиции. Од друга страна, Петрушев од својот тренер бара гаранции за одредена минутажа бидејќи се плаши дека таму би играл помалку, отколку во Црвена Звезда. Но, Барцокас не е човек кој сака да дискутира на вакви теми, тоа не го правеше ни кога доаѓаше Фурние“, тврди извор од клубот за грчки медиуми.
Олимпијакос вчера го потврди продолжувањето на договорот со Никола Милутинов кој исто така побарал Петрушев да се врати во тимот. Петрушев има опција да остане во Звезда, но само ако белградскиот клуб ја плати отштетата за него.


