Со натпреварот меѓу Скопје и Тиквеш, денеска почнува осмото коло во македонската кошаркарска Суперлига, кое во следните два дена носи неколку интересни пресметки, а во центарот на вниманието ќе биде утрешното дерби во Градски парк.
Таму, силите ќе ги одмерат Работнички и ТФТ, во дуел кој привлекува посебно внимание поради квалитетот на двата состави и амбициите за висок пласман во домашниот шампионат. Работнички во дербито влегува со дополнителна самодоверба по големата победа над вечниот ривал МЗТ Скопје (74-60) во претходното коло. „Црвено-белите“ ќе имаат можност пред својата публика да ја продолжат победничката серија иако е јасно дека против себе ќе имаат сериозен противник.
ТФТ, од друга страна, во Градски парк ќе бара позитивен резултат и бодови со кои ќе ги потврди своите амбиции во тековната сезона. Се очекува интересна и неизвесна пресметка, во која секој детал може да биде одлучувачки.
Осмото коло ќе понуди уште неколку интересни дуели. МЗТ Скопје има шанса за рехабилитација по поразот од Работнички бидејќи на домашен терен ќе се сретне со дебитантот Штип, а интересно се очекува да биде и во Битола каде Пелистер ќе го пречека МКК Куманово.
Распоред на натпреварите:
Денеска:
- Скопје – Тиквеш 13:30
Сабота:
- Работнички – ТФТ 17:00
- Струмица – Кожув 18:00
- Пелистер – Куманово 19:30
- МЗТ Скопје – ГКК Штип 20:30


