Катастрофалната сезона на Црвена Звезда очекувано ќе однесе неколку жртви и не е исклучено клубот да направи длабок рез во играчкиот состав, нешто слично како што тоа се случи лани со Партизан.
Пред два дена официјално заврши натпреварувачката сезона за „црвено-белите“, а веќе почнаа шпекулациите за идната. Прв за кого излегоа информации за можен трансфер е бразилскиот репрезентативец Јаго дос Сантос. Понуда за него постои од Венеција со која пред две години договор имаше неговиот сонародник Бруно Кабокло, но тој не заигра за италијанскиот клуб.
Јаго дос Сантос дојде во Црвена Звезда од Улм во 2023 година и тоа како како големо засилување со оглед на тоа што таа година ја освои титулата во Бундеслигата и беше прогласен за МВП на финалната серија во која за противник го имаше Телеком Бон со Ти Џеј Шортс. Во првата сезона Бразилецот беше солиден, дури и го доби признанието за МВП на финалето во АБА, но оваа кампања беше далеку од посакуваното ниво. На 35 натпревари во Евролигата просечно играше по 16 минути и постигнуваше 6,3 поени, 3,3 асистенции и 1,6 скока.


