Италијанскиот репрезентативец Акиле Полонара се бори со миелоидна леукемија поради што пред неколку дена е сместен в болница и не можеше да му помогне на Виртус во борбата за шампионската титула во домашното првенство.
Сепак, тимот од Болоња и без него дојде до 17. трофеј во својата историја, а соиграчите одлучија пријатно да го изненадат искусниот кошаркар. Дел од нив отидоа во болницата во која се лекува и му го донесоа шампионскиот пехар.
„Ти ветивме и ти го донесовме. Напред Акиле“, напиша Виртус на социјалните мрежи со фотографии на играчите на болничкиот кревет.
Последниот натпревар Полонара го одигра на почетокот од јуни против Олимпија Милано во полуфиналето од плејофот.


