Пред два дена Виртус ја освои 17. шампионска титула во италијанското првенство, а веднаш потоа почнаа плановите за идната сезона.
Со оглед на тоа што лани, сопственикот Масимо Занети сакаше да го напушти клубот, ваквиот развој на настаните е фантастичен за тимот од Болоња, но Виртус сепак го очекува бурно лето во обид да направи квалитетен состав. Непосредно по освоената титула, Занети откри какви се плановите.
„За следната сезона ќе правиме млад тим. Веќе знаеме дека Шенгелија заминува во Барселона, а Белинели ја завршува кариерата. Многу го сакам Шенгелија, но тој имаше понуда од Барселона и сакаше пред крајот да заигра за тој клуб, а јас сум му благодарен што играше професионално до крајот. Никогаш не сум го видел да игра вака добро“, рече Занети.
На тренерската функција останува искусниот Душко Ивановиќ кој стана прв тренер што дошол среде сезона и ја освоил шампионската титула во италијанското првенство. Што се однесува до Белинели, тој оди во пензија на 39-годишна возраст, а неговата играчка кариера траеше повеќе од две децении. Почна токму во Виртус, 13 сезони помина во НБА, има и една шампионска титула, освоена со Сан Антонио, а завршува во клубот од Болоња.


