Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски не беше избран на НБА драфтот, но се уште очекува да ја продолжи кариерата во НБА за што има можност.
Додека трае неизвесноста, за него постои интерес од неколку европски, пред се италијански клубови. Покрај Олимпија Милано, со која се поврзуваше претходниот период, интерес покажа и четвртопласираниот тим од неодамна завршеното првенство Тренто.
Последната сезона Тренто го освои Купот на Италија, а во шампионатот за една победа му избега челната позиција на табелата. Интересот на Тренто за Јакимовски е идентичен како во случајот со Олимпија Милано – нашиот кошаркар таму би настапувал како домашен играч затоа што претходно настапуваше во младинските лиги во Италија и го има потребниот број натпревари за да не зазема место за странец.


