Новиот селектор на француската репрезентација Фредрик Фоту го објави поширокиот список на кошаркари за претстојното Европско првенство.
На него има 18 имиња, а како што беше најавено неодамна, ја нема најголемата ѕвезда Виктор Вембанјама. Центарот на Сан Антонио имаше здравствени проблеми поради кои не играше уште од февруари и остана на ставот дека не е подготвен за континенталното натпреварување.

Покрај него, го нема и вториот центар Руди Гобер, па Фоту мораше да наоѓа други решенија. На оваа позиција по се изгледа главен ќе биде Венсан Поарие, а како негова замена е повикан Матијас Лесор кој долго време не играше поради повреда, но има време до август да влезе во посакуваната форма.
Новата селекција на „триколорите“ е значително подмладена, тука се првите два пика од ланскиот НБА драфт Закари Ризаше и Алекс Сар, потоа Тео Маледон, Метју Стразел, Надир Хифи, Усман Диенг итн., играчи кои имаат меѓу 20 и 24 години. Во однос на тимот кој лани го освои среброто на Олимписките игри во Париз, недостасуваат половина кошаркари: Никола Батум, Ендрју Албиси, Еван Фурние, Нандо де Коло, Руди Гобер и Виктор Вембанјама. Првите четворица завршија со настапите за репрезентацијата, а останатите двајца требаше да бидат ударни игли на Еуробаскетот.


