Успехот што оваа сезона го оствари Париз очигледно ќе биде многу тешко да се повтори бидејќи непосредно по завршувањето на сезоната се растури шампионскиот тим.
Прв кој го напушти клубот, како што беше најавено, е македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс кој е мега-засилување за Панатинаикос, а неговите стапки ги следеа уште четворица кошаркари. Во Париз повеќе не се ни Матис Досу-Јово, Кевариус Хејс, Микаел Јантунен и Тајсон Ворд, а не е исклучено во следните денови по нивните стапки да тргнат и други кошаркари, пред се Надир Хифи за кого има интерес од голем број евролигаши.
Освен нив, си замина и цел стручен штаб предводен од тренерот Тијаго Сплитер за кого уште во текот на сезоната беше објавено дека се враќа во НБА, како асистент на Чонси Билапс во Портланд. Првиот асистент Карлос Марко во новата сезона ќе го води шпанскиот прволигаш Ла Коруња, а си отиде и вториот помошник Стефан Ивановиќ.
Последната сезона Париз ја заврши со двојна круна во француската кошарка и пласман во плејофот од Евролигата во чие четвртфинале беше елиминиран од подоцнежниот шампион Фенербахче.


