Актуелниот селектор на шпанската репрезентација Серџо Скариоло ќе го наследи Чус Матео на клупата на Реал, веднаш по Европското првенство што ќе го заврши ова лето.
Такво нешто беше најавено уште пред два дена, а официјално е потврдено денеска откако мадридскиот гигант објави дека потпишал тригодишен договор со италијанскиот стручњак. Со тоа, Скариоло се враќа во Реал по пауза од 23 години имајќи предвид дека веќе еднаш го водеше овој тим, од 1999 до 2002 година.
👔 #BienvenidoScariolo 👔 pic.twitter.com/80JiLsrdxj
— Real Madrid Basket (@RMBaloncesto) July 3, 2025
Во тој период со Реал освои по една титула во првенството и Купот на Шпанија, а сега главна цел ќе биде трофејот во Евролигата кој недостасува во богатата колекција на 64-годишниот стручњак. Ќе се смени и стручниот штаб бидејќи помошници на Скариоло ќе бидат Урош Драгичевиќ и Луис Гули.
Пред да го преземе Реал, Скариоло ќе се обиде со шпанската репрезентација да ја одбрани титулата на Еуробаскетот што ќе се одржи во август и септември. Што се однесува до мадридскиот тим, веќе ги потврди заминувањата на Серж Ибака, Ели Ндиаје и Уго Гонзалес, од екипата сигурно си заминува и Џанан Муса, а шпанските медиуми тврдат дека први засилувања ќе бидат Дејвид Крамер и Тео Маледон.


