Само два дена откако беше трејдуван од Сакраменто во Денвер, литванскиот репрезентативец Јонас Валанчиунас е предмет на шпекулации во врска со можен трансфер во Европа.
Литванскиот новинар Донатас Урбонас тврди дека Валанчиунас нема ни да пристигне во Колорадо затоа што е подготвен да стави крај на 13-годишната одисеја во НБА и да се врати во европската кошарка. Последен пат во Европа настапуваше во 2012 година, како член на Лиетувос Ритас по што замина во Торонто, таму помина седум сезони, а потоа играше и за Мемфис, Њу Орлеанс, Вашингтон и Сакраменто.
Сега за него е заинтересиран Панатинаикос кој, како што тврди Урбонас, му понудил тригодишен договор за 12 милиони евра, а Валанчиунас прифатил. Ваквиот развој на настаните е апсолутно неочекуван и останува да биде потврден и од Панатинаикос и од самиот Литванец.


