Поранешниот шпански репрезентативец Рики Рубио е еден од многуте примери на славни спортисти кои се соочиле со психолошки кризи во текот на животот.
Пред неколку години, тој јавно призна дека се бори со депресија, паузираше една година, а лани се врати во Барселона што му беше последен клуб иако засега не објавил дека се пензионира. За среќа, успеа да се извлече, а својот пример и животното искуство сега ги пренесува врз помладите, со цел да им помогне на некој начин.
За утре е планирана емисија за неговиот живот од која фрагменти веќе се објавени јавно, а најшокантно е признанието дека размислувал себеси да си го одземе животот.
„Една вечер, додека бев во хотел, си реков: Не сакам да продолжам. Не со кошарката, туку со животот. Постоеја моменти кога се ме оптоваруваше толку многу што мислев дека мојот живот нема смисла. Никогаш во кариерата не бев задоволен, ништо не ми беше доволно. Кога ќе добиев награда си велев дека сум измама и дека не го заслужувам тоа“, признава Рубио.
Засега е непознато дали тој би можел да ѝ се врати на кошарката, има 35 години и можност да заигра за матичниот клуб Хувентут, но се уште не донел конечна одлука.


