Српскиот репрезентативец Филип Петрушев претстојната сезона нема да го носи дресот на Олимпијакос и покрај тоа што има договор со грчкиот шампион, тврди специјализираниот кошаркарски портал Eurohoops.
Рокот за откуп на договорот истече, но двата клуба се движат кон прекин на соработката, а останува да се види и дали Петрушев ќе се обиде да се врати во НБА лигата за каде чека понуди до 15 јули. Ако сето тоа пропадне, Олимпијакос ќе се сврти кон европските клубови, а во таков случај најголеми шанси да го доведе има Црвена Звезда, но никој не гарантира дека белградскиот клуб ќе го купи.
Неодамна тренерот на Звезда, Јанис Сферопулос истакна дека управите на двата клуба постигнале договор, но Петрушев побарал дополнително време за носење на конечната одлука.
Сепак, конфузија во овој случај направи менаџерот на Петрушев, Мишко Ражнатовиќ кој вечерва ги демантираше наводите на Eurohoops иако не даде детали во која насока би можел да се движи неговиот клиент.


