Довчерашниот помошник на Жељко Обрадовиќ во Партизан, Богдан Караичиќ во новата сезона ќе го води тимот на Арис од Солун.
На клупата на поранешниот шампион на Грција, тој доаѓа по неколкунеделни преговори и првпат по 2016 година ќе биде прв тренер на една екипа. На почетокот на тренерската кариера го водеше данскиот Нествед, а потоа беше помошник во Локомотив Кубан, Црвена Звезда, Мега и последните четири години во Партизан. Со белградските „црно-бели“ минатиот месец освои титула во српското првенство каде го замени Жељко Обрадовиќ и како прв тренер ја водеше екипата.
Во исто време Караичиќ е селектор на репрезентацијата на Ерменија, но летово нема да има обврски со оваа селекција. Што се однесува до Арис, претстојната сезона ќе учествува во Еврокупот каде се најде во групата А.


