И на 38-годишна возраст, легендарниот шпански плејмејкер Серхио Љуљ ќе биде капитен на тимот на Реал Мадрид откако денеска, како што објавија тамошните медиуми, го продолжил договорот со „кралскиот клуб“ на уште една сезона.
Тоа ќе биде негова 20. кампања во дресот на Реал во која ќе се обиде дополнително да го поправи својот рекорд по бројот на титули кој сега изнесува 29. Во мадридскиот гигант дојде во 2006 година од Манреса и оттогаш одигра 1.168 натпревари, а минатиот септември стана прв кошаркар во историјата на Реал, сметајќи ги сите спортови, кој одиграл 19 сезони во тимот. Зад него останаа кошаркарот Рафа Руљан и фудбалерите Пако Хенто, Мигел Ангел и Маноло Санчис со по 18.
Дека годините ништо не му можат, Љуљ покажа претходната сезона кога, иако 37-годишен, играше најдобро откако во 2017 година доживеа тешка повреда на Ахиловата тетива и пропушти речиси цела сезона. Просечно постигнуваше по 8,5 поени во АЦБ и 6,6 поени во Евролигата.
Реал летово доживеа големи промени, отпуштен е тренерот Чус Матео и на негово место назначен Серџо Скариоло, а досега екипата ја напуштија Уго Гонзалес, Ели Ндиаје, Серж Ибака и Џанан Муса со тоа што е претставено само едно засилување – Тео Маледон. Во моментов под договор се само Љуљ, Таварес, Хезоња и Абалде, а во следниот период ќе почнат преговорите со сите кошаркари на кои Скариоло смета за новата сезона.


