Бугарскиот град Самоков ќе биде домаќин на трите квалификациски турнири за пласман во Лигата на шампионите, одлучи денеска ФИБА.
Последните години Самоков се промовира во еден од најголемите бугарски кошаркарски центри, клубот од овој град Рилски Спортист две сезони по ред е шампион на Бугарија, а има и сала (Самељон Арена) со капацитет од 3.000 места и на 50 километри од аеродромот Васил Левски. Токму Рилски Спортист ќе биде еден од учесниците во квалификациите и тоа во првиот турнир, заедно со Калев Крамо, Патриоти Левице, АЕК Ларнака итн.
Единствен македонски претставник во квалификациите за пласман во Лигата на шампионите ќе биде Пелистер. Битола е оддалечена околу 350 километри од Самоков, па и навивачите на овој клуб ќе можат да присуствуваат на натпреварите. Претходните години Пелистер играше пријателски подготвителни дуели со Рилски Спортист во Самоков и добро ги познава условите во арената и градот.
Пелистер е дел од вториот квалификациски турнир, а во четвртфиналето ќе се сретне со италијанскиот претставник Реџана. Во групата на битолчани има уште неколку екстра квалитетни екипи како Бурса, Брауншвајг, ПАОК, Антверпен итн. Квалификациите ќе се одржат од 19 до 25 септември, а мечот меѓу Пелистер и Реџана е закажан за 19 септември од 15:30 часот.


