Долгогодишниот шпански репрезентативец и капитен на Барселона, Алекс Абринес ја шокира тамошната спортска јавност откако денеска објави крај на кариерата.
Можеби тука не би имало ништо чудно ако не се знае дека на ваков потег се одлучи на само 32-годишна возраст. Член на Барса беше од 2019 година, а претходно го носеше дресот на овој тим од 2012 до 2016 година. Во меѓувреме имаше тригодишен излет во НБА, во тимот на Оклахома каде, сепак, не остави длабока трага.
На ваква одлука Абринес се одлучи и покрај тоа што имаше договор со Барселона на уште една сезона.
Gràcies, Barça! 💙❤️ pic.twitter.com/F1sh45F8VG
— Alex Abrines (@alexabrines) July 22, 2025
„Дојде време да се простам. По интензивниот професионален живот во кој поминав низ различни фази, дојде време да живеам како што сакам – да го бирам сопствениот пат. Тој пат значи дека ќе поминувам повеќе време со моето семејство и саканите. Кошарката, а посебно Барселона, ми дадоа се. По многу години посветени на професионалната кошарка, донесов тешка одлука да се повлечам. Не беше лесно, но долго размислував за тоа“, напиша Абринес на социјалните мрежи.
Со Барселона тој освои вкупно 15 трофеи, а успеси имаше и со шпанската репрезентација со која дојде до два бронзени медали, од Олимписките игри во Рио де Жанеиро и Европското првенство во 2017 година.


