Денеска во Минхен беше одржана ждрепката за основниот дел од сезоната во Европа купот, второто по квалитет натпреварување на ФИБА.
Македонија може да има еден претставник во него, ако Пелистер не успее да ги помине квалификациите за Лигата на шампионите. Во таков случај, битолчани ќе имаат група по мерка во која можат да атакуваат на врвот на табелата.

Ако не го освои првото место во квалификациите за Лигата на шампионите, Пелистер би играл во групата Д, каде во моментов се сигурни само Керавнос од Кипар и Цедевита Јуниор од Хрватска. Третиот ривал треба да биде словачкиот Патриоти Левице, но и овој тим игра во квалификациите за ЛШ и услов е да не успее таму.
Судбината на Пелистер ќе биде позната по квалификациите за Лигата на шампионите кои се играат во периодот од 19 до 25 септември во бугарскиот град Самоков.


