Селекторот на српската репрезентација Светислав Пешиќ денеска го објави поширокиот список на кошаркари кои треба да се појават на стартот на подготовките за Европското првенство што ќе се одржи во август и септември.
На него има 17 играчи, кој од кој подобар, а се наоѓа и најголемата ѕвезда во српската кошарка во моментов Никола Јокиќ. Тука се и капитенот Богдан Богдановиќ, потоа Василије Мициќ, Филип Петрушев, Алекса Аврамовиќ и најголем дел од оние кои настапија лани на Олимписките игри во Париз и го освоија третото место. Со ваков состав, Србија секако е главен претендент за шампионската титула на претстојниот Еуробаскет што би било прво злато за оваа селекција како самостојна држава.

Во рамките на подготовките, Србите ќе одиграат и неколку подготвителни натпревари, на 5 август против БиХ и ден подоцна со Полска во Белград, на 9 и 10 август ќе учествуваат на турнир на Кипар, на 15 и 16 август на турнир во Минхен, а генералната проба е на 21 август против Словенија во белградската Арена.
На Европското првенство, Србија е во групата А во Летонија, заедно со Португалија, Естонија, Турција, Чешка и домаќинот.


