Кошаркарскиот клуб Ганџа од Азербејџан јавно ги демантираше тврдењата на својот тренер Мартин Кнежевиќ по поразот од турскиот Ерокспор со 63-92 во првото коло од групната фаза од ФИБА Европа купот, одигран на 7 октомври.
Раководството го обвини тренерот дека изнел непотврдени информации на личниот профил на социјалните мрежи, без дозвола од клубот и му изрече официјално предупредување.
Кнежевиќ тврдеше дека петмина важни кошаркари биле повредени поради технички проблем со хотелскиот лифт, односно пад од три спрата, поради што наводно побарал одложување на натпреварот, но ФИБА не го прифатила барањето.
Клубот, сепак, излезе со поинаква верзија на настаните и објави соопштение во кое ги отфрли тврдењата на тренерот.
„Кошаркарскиот клуб Ганџа се соочи со турскиот клуб Ерокспор во групната фаза од ФИБА Европа купот на 7 октомври. По поразот, главниот тренер Мартин Кнежевиќ изнесе неосновани тврдења за поразот на својот личен профил на социјалните мрежи, без дозвола од клубот. Наместо да ја преземе одговорноста за поразот, главниот тренер се обиде да го оправда резултатот со различни изговори, тврдејќи дека петмина клучни играчи биле повредени.
Мартин Кнежевиќ во својата изјава тврдеше дека повредите на играчите биле предизвикани од технички проблем со хотелскиот лифт. Иако во хотелскиот лифт навистина имало технички дефект, проблемот веднаш бил отстранет од хотелското раководство. Овој технички проблем нема никаква поврзаност со повредите на играчите, а изнесените тврдења не се вистинити.
Всушност, четворица од петтемина играчи за кои станува збор – Џервис Гарет, Монтавиус Марфи, Латавиус Мичел и Фикрат Алакбаров – активно учествуваа на натпреварот. Единствено Бакари Камара остана на клупата, но поради одлука на тренерот, а не поради повреда.
Поради тоа, тврдењето на тренерот дека ФИБА одбила да го одложи натпреварот е целосно неосновано. Клубот воопшто не побарал одложување од ФИБА. Дополнително, иако нашиот главен тренер се обиде да ја обвини противничката екипа за изборот на хотелот, хотелот за кој станува збор го избра нашиот клуб, а не Ерокспор.
Прекршувањето на клупската дисциплина од страна на главниот тренер, обвинувањето на играчите за поразот и ширењето неточни информации во јавноста без дозвола од клубот се неспоиви со професионалните вредности на Ганџа.
Разговаравме со тренерот за овој случај. Земајќи ги предвид неговото различно културно потекло, емотивната природа на неговата реакција и фактот дека целосно ја погрешно разбрал ситуацијата, му ги соопштивме нашите забелешки и засега му изрековме официјално предупредување. Доколку сличен инцидент се повтори, неговиот договор ќе биде раскинат“, пишува во соопштението од Ганџа.
Така, поразот од Есенлер Ерокспор доби и дополнителна димензија, со отворен судир меѓу тренерот и раководството на азербејџанскиот клуб.


