Евролига денеска го потврди списокот на клубови кои во новата сезона ќе учествуваат во елитното натпреварување.
Нема промени во однос на она што беше најавено минатиот месец кога Алба објави дека ја напушта Евролигата и се сели во Лигата на шампионите. Како што беше изгласано, во новата сезона ќе учествуваат 20 екипи меѓу кои три нови во споредба со минатата: победникот на Еврокупот, Хапоел Тел Авив, потоа повратникот Валенсија и дебитантот Дубаи кој ќе биде прв клуб од Обединетите Арапски Емирати што ќе учествува во Евролигата.

Новата сезона ќе почне на 30 септември, ќе се играат 34, место досегашните 30 кола, ќе има десет „двојни недели“, а завршниот турнир ќе се одржи од 22 до 24 мај 2026. Главната промена кога станува збор за Ф4 е на задоволство на сите клубови – се укинува безначајниот натпревар за третото место.
Со цел да им се помогне на репрезентациите, за време на ноемврискиот „прозорец“ на ФИБА, натпреварите од Евролигата ќе се играат во вторник и среда по што кошаркарите би можеле потоа да заиграат и во националните тимови, ако за тоа имаат волја и желба.


