Српскиот стручњак Игор Кокошков во новата сезона многу веројатно ќе биде тренер на Анадолу Ефес, на местото на Лука Банки.
Иако од турскиот гигант и поранешен двоен европски првак уште нема официјална потврда, медиумите во оваа балканска држава пред неколку недели објавија дека договорот е постигнат. Со ова Кокошков ќе се врати во Евролигата, но и ќе се врати воо Истанбул откако во сезоната 2020/21 го предводеше тимот на Фенербахче. Со него не се прослави, не освои ништо, а стигна до финалето на домашното првенство каде беше совладан токму од Анадолу Ефес.
За да го прифати новиот ангажан, Кокошков ги прекинал преговорите со Портланд каде требало да биде во стручниот штаб. Преговорите, наводно, биле во напредна фаза и српскиот стручњак требало да биде прв асистент на Чонси Билапс. Претходните четири години тој и работеше како помошник во три НБА екипи: Далас, Бруклин и Атланта, а претходно во кариерата и во Клиперс, Детроит, Феникс, Кливленд, Орландо, Јута и Сакраменто. Може да се пофали и дека е еден од ретките европски стручњаци кои биле први тренери на НБА екипи откако во 2018 година го презеде Феникс Санс.
Најголемиот успех во својата кариера, Кокошков го оствари како селектор на Словенија со која во 2017 година стана европски шампион, на првенството што се одржа во Финска, Израел, Романија и Турција. Во финалето ја совлада својата Србија чиј селектор беше подоцна во кариерата, но без поголем успех.


