Легендарниот српски плејмејкер и репрезентативец Милош Теодосиќ преку соопштение денеска објави дека ја завршува својата професионална играчка кариера.
На кошаркарските терени тој беше повеќе од две децении во кои освои речиси се што можеше да се освои, играше на највисоко ниво во Европа, настапуваше во НБА, а долго време беше член и на српската репрезентација.
„Драги пријатели, почитувани љубители и познавачи на кошарката, пред се ви благодарам на 30 години заедничка борба, уживљер, радост и тага. Дојде време да се простам од една фаза од својата љубов кон магичната игра под обрачите. Зад мене, зад нас е многу желба, борба, откажувања, освоени трофеи, но и загубени финалиња. Сето тоа е кошарката и се тоа е живот. Јас не би менувал ништо од тоа, баш се би направил исто“, објави, меѓу другото, Теодосиќ.
Во играчкја пензија заминува на 38-годишна возраст, а последната сезона ја одигра во Црвена Звезда. Во меѓувреме беше член на ФМП, Олимпијакос, ЦСКА Москва, Лос Анџелес Клиперс и Виртус Болоња од каде се пресели во белградскиот клуб. Во Евролигата триумфираше во 2016 година со ЦСКА, а во НБА беше играч на Лос Анџелес Клиперс од 2017 до 2019 година.
Последните недели имаше информации дека тој во иднина ќе биде директор во Црвена Звезда, но пред два дена српските медиуми објавија дека не успеал да се договори со раководството на клубот поради што е неизвесна неговата иднина.


