По петгодишна потрага, поранешниот кошаркар на Реал, Маркус Слотер е лоциран во Тексас, во својот дом каде, очигледно, никој не се сетил да го побара.
Заслужен за неговото пронаоѓање е Интерпол, па сега шпанското правосудство бара тој да биде доведен на судење во Мадрид. Некогашниот кошаркар се товари дека во Реал настапувал со лажни документи како граѓанин на Екваторијална Гвинеја и со тоа отворил место за уште еден странски играч. Спортистите од оваа африканска држава, Шпанија ги смета како домашни затоа што станува збор за нејзина поранешна колонија. Според одредби од една спогодба, 78 држави од Африка, Кариби и Пацифик се сметаат за територии на Европската унија.
Слотер со документи од Екваторијална Гвинеја играл во сезоната 2014/15 кога Реал ја освои тројната круна, но спорни се само титулите од Шпанија и Копа дел Реј бидејќи во Евролигата нема ограничување за странски кошаркари. Во домашната кошарка е проблем затоа што можат да играат само двајца странци, а во тој период местата ги покриваа Факундо Кампацо и Густаво Ајон. Деценија подоцна е утврдено дека африканската држава издала уште еден пасош на тогашниот играч на Фуенлабрада, Енди Панко. Броевите од нивните пасоши апсолутно се поклопуваат.
Целата постапка со големо внимание ја следи Барселона чие раководство преку свои конекции учествувала и во потрагата по Слотер. Целта е поранешниот кошаркар да биде доведен на судење и да сведочи бидејќи во каталонскиот гигант се надеваат дека потоа ќе имаат основа да ги бараат трофеите од сезоната 2014/15 – шампионска титула и пехарот од Копа дел Реј кои ги освои Реал.
Постои надеж тоа да не се случи ако Реал се брани со изговор дека никој во клубот не знаел дека документите се лажни.


