Најдобриот стрелец во историјата на Евролигата, Мајк Џејмс е суспендиран од Монако на неодредено време.
Клубот синоќа ја објави одлуката за суспензија, но не посочи кои се причините за тоа, наведувајќи само дека Американецот ги прекршил клупските правила. Што навистина се случило, откри Лекип според кого казната за Џејмс не е поврзана со спортот, ниту со односот со некого од соиграчите и членовите на стручниот штаб.
Лекип тврди дека Џејмс се степал во ресторан во Монако, а откако ситуацијата делумно се смирила, навредувал полицаец кој ги вршел своите професионални должности. Плејмејкерот не играл за својот тим од финалето на Евролигата против Фенербахче, на 25 мај. Оттогаш Монако одига три меча, против Ле Ман во четвртфиналето од домашниот плејоф, но во составот го немаше најдобриот играч.
Вечерва Монако го очекува дуел против Асвел, на стартот од полуфиналната серија и Џејмс повторно нема да биде во тимот.


