Довчерашниот селектор на македонската репрезентација Александар Јончевски е нов тренер на унгарскиот прволигаш Атомерому кого ќе го води во новата сезона.
Станува збор за четирикратен шампион на оваа држава, а сите титули се освоени во периодот од 2002 до 2009 година. Последната сезона го освои третото место во домашното првенство откако во полуфиналето доживеа пораз од Солнок кој подоцна стигна до титулата, а во борбата за „бронзата“, Атомерому беше подобар од Залакерамија.

„Потпишувањето за Атомерому е голема чест, но исто така носи и огромна одговорност. Во последните години, постојано ја следев унгарската лига и јасно е дека станува збор за силна конкуренција, полна со добри тимови и играчи, а Атомерому зазема истакнато место во овој систем на натпреварување. Среќен сум што доаѓам во тим каде, покрај одличните унгарски играчи и младите луѓе гладни за успех, раководството го управува клубот на организиран начин. За време на нашите разговори, се чинеше јасно дека раководството на клубот очекува чекор напред од тимот следната сезона. Сигурен сум дека со вистинска енергија и атмосфера на теренот, можеме да создадеме многу радосни моменти за навивачите и ASE може да се врати на врвот на подиумот“, изјави Јончевски.
Минатата сезона тој го водеше полскиот прволигаш Шлонск, а претходно во кариерата беше тренер и на Башкими, Трепча и Спартак во странство, додека во земјава седеше на клупата на МЗТ Скопје, Кожув и Гостивар. Две години помина и како селектор на македонската репрезентација, а договорот му истече неодамна по што на негово место е поставен Марјан Илиевски.


