Ерата на Еторе Месина во Олимпија Милано е при крај и од идната година, најтрофејниот италијански клуб ќе има нов тренер, тврдат италијанските медиуми.
Станува збор за сегашниот предводник на Бреша, Џузепе Поета кој летово ќе ѝ се придружи на Олимпија Милано, но како асистент на Месина претстојната сезона. Една година ќе му помага на најтрофејниот италијански стручњак, а догодина самостојно ќе ја води екипата и ќе се обиде да ги продолжи успесите на својот претходник.
Поета е поранешен кошаркар, неговата играчка кариера траеше од 2000 до 2022 година и во тој период играше, меѓу другите, за Виртус, Тренто, Торино, Басконија… Од 2022 до 2024 му беше помошник на Месина, а лани ја презеде Бреша со која оваа сезона стигна до финалето на италијанското првенство и таму загуби од Виртус. Пред неколку дена излегоа информации дека Поета е меѓу кандидатите за тренер на Басконија, но тој сепак го одбил шпанскиот клуб за да се врати во Милано.


