Ти Џеј Шортс синоќа го одигра последниот натпревар во дресот на Париз и со двојна круна си заминува од овој клуб.
Кариерата ќе ја продолжи во Панатинаикос, но ако некогаш посака да се врати во француското првенство, сигурно Монако ќе биде заинтересиран за него бидејќи таму има многу фанови. По петтиот и одлучувачки меч за титулата, клубот од малото кнежевство преку социјалните мрежи уште еднаш го истакна своето воодушевување за македонскиот репрезентативец.
An opponent worthy of a championship – congratulations, @ParisBasketball 🤝
And a special mention to TJ Shorts – what a player 😮💨 pic.twitter.com/XKkD5drh2p
— AS Monaco Basket EN (@asmonaco_en) June 24, 2025
„Противник вреден шампионска титула – честитки. И специјална посвета за Ти Џеј Шортс – каков играч…“, напиша Монако.
Ова не е првпат довчерашниот шампион на Франција јавно да му се поклони на американскиот плејмејкер со македонски пасош. Истото го направи и во октомври, по меѓусебниот дуел од Евролигата кога Шортс имаше сличен ефект како вчерашниот (28 поени, 10 асистенции и 4 скока за индекс 38) и беше прогласен за играч на колото во елитното натпреварување.


