По три сезони во тимот на Реал Мадрид, репрезентативецот на БиХ, Џанан Муса го напушта „кралскиот клуб“ и својата кариера ќе ја продолжи во дебитантот во Евролигата, Дубаи.
Разделбата со Реал ја објави самиот тој по синоќешниот триумф во АЦБ лигата каде ја освои својата втора титула.
„Ова беа прекрасни три години, уживав во секој ден и со задоволство ќе се сеќавам на нив. Каде и да одам, вечно ќе останам навивач на Реал“, изјави Муса.
Тој ќе потпише тригодишен договор со Дубаи за вкупна сума од 10,2 милиони евра (3,4 милиони по сезона) со што ќе стане еден од најплатените кошаркари во европската кошарка. Покрај Дубаи, интерес за него покажале уште Партизан и Фенербахче, но нивните понуди биле далеку послаби од оние на клубот кој ќе дебитира во Евролигата. Неофицијално, промоцијата во новиот клуб на Муса би можела да се случи веќе во текот на утрешниот ден по што тој ќе замине на одмор пред репрезентативните обврски и настапот на претстојното Европско првенство.


