Два дена откако КОШ.МК објави дека македонскиот првак МЗТ Скопје нема да учествува на планираниот подготвителен турнир во Кина, клубот од Аеродром ги објасни причините како и зошто дошло до откажување на овој настап.
МЗТ требаше оваа недела да гостува во Чонгкинг, и евентуално да се сретне со актуелниот шампион и вицешампион на Кина, Лиаонинг и Ксинјанг, но тоа, сепак, нема да се случи.
„МЗТ Скопје Аеродром ги известува своите навивачи, симпатизари, но и целокупната домашна спортска јавност дека, за жал, нема да настапи на турнирот во кинескиот град Чонкинг (29 август-1 септември), кој требаше да биде главен предизвик за нашите момци во подготвителниот период за новата сезона.
Неодамна, неочекувано, од организаторот добивме информација дека поради работи кои се надвор од нивна, а со тоа и од наша контрола, морале да ја ревидираат листата учесници и дека таа најверојатно ќе биде сведена само на тимови од нивната држава. Така барем ни беше кажано од нивна страна, со цел да се оправда прекршувањето на веќе потпишаниот договор.
Ваквиот неочекуван потег дојде во лош момент за нашиот стручен штаб, кој целокупниот распоред пријателски средби го „врзаа“ токму со гостувањето во Кина, но едностано некогаш не се може ништо против т.н. „виша сила“. Тренерот Васко Атанасов и кошаркарите периодот го користат за напорни тренинзи, а во скоро време ќе биде објавена и ревидираната листа контролни мечеви, со напомена дека токму порди турнирот во Чонкинг пропуштивме низа пријателски средби против реномирани ривали надвор од Македонија.
Новата сезона за сино-белите момци почнува на 24 септември, кога во ‘Јане Сандански’ ќе гостува црногорски Теодо на стартот од АБА2-лигата“, пишува во соопштението на МЗТ Скопје.
Шампионот ги почна подготовките за новата сезона на 15 август, а се уште не го комплетирал тимот имајќи предвид дека има простор за барем уште еден странски кошаркар.


