Екипата на Париз поведе со 2-0 во финалето од француското првенство откако вечерва буквално го разнесе Монако со 92-67.
На Ти Џеј Шортс и компанија сега им е потребна уште една победа за да ја освојат првата шампионска титула во историјата на клубот, а првата шанса за тоа ќе ја имаат в петок од 20:30 часот во Монако. По триумфот во Еврокупот и во Купот на Франција, тоа може да биде следниот трофеј кој ќе биде ставен во витрините на клубот.
Повторно најзаслужен за победата беше македонскиот репрезентативец кој по 30. поени во првиот меч, вечерва постигна 28 со пет асистенции. Противничките кошаркари немаа одговор за него, па уште по првото полувреме беше јасно кој ќе излезе како победник од овој натпревар.
Огромен проблем за Монако е неиграњето на Мајк Џејмс кој поради недисциплина е суспендиран до крајот на сезоната, а уште една работа која не му оди во прилог на клубот е повредата на коленото на Даниел Тајс. Со така ослабен тим, единствен со двоцифрен ефект беше Џордан Лојд кој постигна 12 поени за безмалку 20 минути на теренот.


