Некогашниот македонски кошаркар и 3х3 репрезентативец Ервин Цого предизвика бум во Швајцарија откако за една година како селектор на „баскет“ репрезентацијата на оваа земја оствари два големи успеха.
Селекцијата која до пред една година имаше само две учества на големите натпреварувања, за неполни 12 месеци два пати играше во полуфинале и освои еден медал (сребрен). На неодамнешното Светско првенство во 3х3 во Монголија, Швајцарците со Цого како селектор завршија на второто место, притоа остварувајќи неколку импресивни победи, како онаа против Србија во полуфиналето. Сето тоа ги натера челниците на Федерацијата да му го продолжат договорот на Цого до 2028 година и покрај интересот од неколку други држави, пред се Катар.
„Мислам дека имаме одличен турнир зад нас, пред заминувањето некој да ми кажеше дека ќе играме финале, немаше никако да му поверувам. Ете, се случи, до финалето дојдовме со победи против четирите најголеми сили во 3×3. Мислам дека ова е показател на нашиот труд и енергија и сметам дека Федерацијата на Швајцарија мора да ја искористи оваа прилика и да се посвети малце повеќе на 3×3“, вели Цого за КОШ.МК.
Швајцарија нема голема традиција во кошарката, уште помалку во 3х3, па затоа за светската јавност се изненадување овие резултати. Тешко е да се објасни како за краток резултат се тие постигнати.

„Искрено не знам ни самиот, во спортот е многу битна спортската среќа. Лани, кога ја презедов репрезентацијата, не очекував таков почеток на мојата тренерека кариера, но бев уверен дека еден ден ќе имам некој позначаен успех бидејќи знам колку се вложувам и колку сум посветен на својата работа. Работам со голем ентузијазам и мислам дека тоа го пренесувам и на моите играчи. Најбитно е што играчите прифаќаат се што ќе им се каже, а уште побитно е што јас ги прифаќам нивните идеи. Така наоѓаме заеднички пат до целта.
За нас тоа беше преголем успех. Лани исто така изборивме пласман на Европско првенство каде што го освоивме четвртото место. Годинава имаме потешка задача, а тоа е да го одбраниме тоа четврто место. Ќе имаме мал проблем бидејќи нема да играме со истата екипа од Светското првенство затоа што тие играчи почнуваат подготовки со своите екипи. Станува збор за професионални кошаркари кои настапуваат во прволигашки екипи во Швајцарија, а тројца се од првакот Фрибург кој се натпреварува и во Лигата на шампионите“, додава Цого.
Последните години 3х3 доживува експанзија низ светот, голем број професионални кошаркари се префрлуваат во овој спорт преку летото, па, како што вели нашиот стручњак, истото се случува и во Швајцарија.
„Можам да забележам дека има се поголем број на играчи кои се пријавуваат на турнири, што ме радува, има доста голем број и на турнирите до 18 години и на турнирите од женска конкуренција. Сериозни кошаркари се информираат за играње 3х3 што значи дека сме на добар пат. Но, сето ова за да биде подобро, се надевам дека Федерацијата на Швајцарија ќе почне повеќе да инвестира во 3×3 и спортот ќе се развива уште повеќе“, завршува „македонсккиот волшебник“, како што го нарекоа медумите во Швајцарија.


