Откако пред две години ја стресе грчката и европската кошарка со трансферот на Костас Слукас, Панатинаикос овојпат не успеа да го повтори истото.
Цел на контроверзниот сопственик на атинскиот клуб беше Никола Милутинов за кого понуди тригодишен договор за девет милиони евра. Тоа беше речиси двојно зголемување за српскиот центар кој до оваа сезона во Олимпијакос заработуваше годишно по 1,6 милиони евра. На негова адреса имаше понуда и од Олимпија Милано, некои побрзаа да објават дека ќе ја продолжи кариерата во Италија, но Милутинов, сепак, му остана верен на својот досегашен клуб.
Раководството на Олимпијакос му ја зголеми платата за над 50%, во иднина таа ќе изнесува 2,5 милиони евра по сезона со тоа што Милутинов ќе потпише договор на 2+1 година. Тоа му е и своевидна награда за придонесот што го имаше при освојувањето на шампионската титула во грчкото првенство.


