Поранешниот европски шампион Партизан го потврди и второто големо засилување за новата сезона во која ќе има уште повисоки амбиции.
Нов играч на „црно-белите“ е довчерашниот играч на Барселона, Џабари Паркер, втор пик на НБА драфтот од 2014 година кој со Партизан потпиша договор на две сезони. Паркер има деветгодишно НБА искуство имајќи предвид дека од 2014 до 2023 година настапуваше за Милвоки, Чикаго, Вашингтон, Атланта, Сакраменто и Бостон. Сепак, факт е дека не го искористи максимално својот потенцијал, имајќи предвид дека Бакс во 2014 го избраа како втор пик на драфтот, а вкупно во НБА одигра само 310 натпревари. Причина за тоа беа неколкуте повреди поради кои пропушташе речиси цели сезони, па во последните четири години во НБА, вкупно настапи на само 31 меч.

Пред две сезони одлучи да си замине оттаму и да се пресели во Европа, Барселона беше добра опција, Паркер ја врати посакуваната форма, но не успеа да освои ниеден трофеј. Неофицијално, Партизан му понудил двегодишен договор за вкупно пет милиони евра.
Паркер е второ засилување за Партизан ова лето по Американецот со германски пасош Дилан Осетковски кој исто така беше претставен денеска.


