Поранешниот вицешампион Пелистер сезонава ќе биде единствен македонскин претставник во квалификациите за Лигата на шампионите, а ждрепката за оваа фаза ќе се одржи утре во Лозана.
Во квалификациите ќе учествуваат вкупно 24 екипи кои преку три квалификациски турнири ќе ги дадат последните три учесници во главната фаза од најсилното натпреварување на ФИБА. Пред ждрепката, екипите се поделени во шешири според спортските кртериуми со тоа што осум национални шампиони се во улога на носители, а останатите, „нешампиони“ се во уште четири шешири.

Пелистер е во последниот, четврти шешир кај екипите кои не се државни прваци, а заедно со него се Порто од Португалија, Лублин од Полска и Студентски Центар од Црна Гора. Она што ФИБА однапред го објaви, екипите од четвртиот шешир за противник во четвртфиналето имаат член на првиот шешир, што би значело дека Пелистер за прв противник во овие квалификации ќе има еден од следните тимови: ПАОК (Грција), Мурсија (Шпанија), Реџана (Италија) или Фалко (Унгарија).
Квалификациите се играат во нокаут систем, со четвртфинале, полуфинале и финале, а само победникот од секој турнир ќе обезбеди пласман во главната фаза од Лигата на шампионите. Останатите екипи ќе можат да продолжат во второто натпреварување на ФИБА – Европа купот.


