Единствениот македонски претставник во натпреварувањата на ФИБА оваа сезона Пелистер доби исклучително тежок противник во квалификациите за Лигата на шампионите.
Битолчани се дел од вториот квалификациски турнир чиј домаќин дополнително ќе биде одреден, а противник во четвртфиналето ќе му биде италијанскиот прволигаш Реџана од Реџо Емилија. Последната сезона Реџана ја заврши на седмата позиција во Лега А, а потоа беше елиминирана од Трапани во четвртфиналето од италијанскиот плејоф.

На македонската кошаркарска јавност, Реџана ѝ е позната по тоа што една сезона (1994/95) како тренер на овој клуб помина поранешниот селектор на македонската репрезентација Заре Марковски.
Ако Пелистер успее да ја помине првата пречка, во полуфиналето ќе оди на подобриот од дуелот меѓу романска Орадеа и белгиски Антверпен, а од другата страна на ждрепката на овој турнир се уште ПАОК, Студентски Центар, Бурса и Хајделберг. Квалификациите се играат во периодот од 23 до 28 септември.


