Првиот човек на Асвел, Тони Паркер го потврди она што се шпекулираше и во текот на оваа сезона.
Најдобриот играч на клубот од Лион, Тео Маледон потпишал тригодишен договор со Реал, вреден вкупно 6 милиони евра, односно 2 милиони по сезона. За 24-годишниот плејмејкер, ова е голем чекор напред во кариерата, особено ако се знае дека лани мораше да ја напушти НБА и да се врати во матичниот Асвел и одново да го потврди својот талент и квалитет.
Минатата сезона беше избран во втората најдобра петорка на Евролигата, просечно постигнуваше по 17 поени, 4,6 асистенции и 3,5 скока, а против Олимпијакос постигна 31 поен. Претходно во својата кариера играше за Оклахома, Шарлот и Феникс, а вкупно забележа 177 настапи во НБА.
Со заминувањето на Маледон почнува големата реконструкција на Асвел кој зад себе има лоша сезона. Си одат уште Нил Сако, Парис Ли, Жофри Ловерњ и Андре Роберсон, а тешко дека францускиот тим ќе успее да направи конкурентен тим кој би се борел за плејофот во Евролигата.


