Грчкиот репрезентативец Јанис Папапетру ја изненади јавноста во својата земја откако денеска објави крај на кариерата, на 31-годишна возраст.
Поранешниот играч на Олимпијакос, Панатинаикос и Партизан се одлучил на ваков потег поради серијата повреди кои го мачеа последните две години. Такво нешто најави уште за време на завршниот турнир од Евролигата лани во Берлин, но сега потврди.
„Во животот има моменти за кои иако знаете дека доаѓаат, остануваат исклучително тешки за соочување. Пред две години, додека патував на операција на коленото, си помислив дека мојот пат како кошаркар можеби доаѓа до крајот. Докторите се обидуваа да ме охрабрат, но еве, две години подоцна, по многу разговори и поддршка со семејството, донесов конечна одлука. Дојде денот кога завршува едно прекрасно поглавје од мојот живот“, објави Папапетру.
И покрај тоа што во пензија заминува релативно млад, грчкиот кошаркар имаше исклучително успешна кариера. Шест пати беше шампион на Грција, три пати го освои националниот Куп, има трофеј од АБА лигата со Партизан, а круна му е титулата од Евролигата, освоена лани со Панатинаикос.

