Првпат во својата кратка историја, екипата на Париз е шампион на Франција откако во финалната серија го совладаа Монако со 3-2.
„Мајсторката“ се играше вечерва во Париз и по многу пресврти триумфираше домашниот тим со 99-93, на крилјата на македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс. Пред крајот на третата четвртина, Монако имаше предност од девет разлика (81-72), но Париз го почна последниот квартал со серија од 8-0 и се доближи на само еден поен негатива за нешто подоцна да го преземе водството. Клучна беше серијата од шест поени по што Париз отиде на 97-91 на десетина секунди пред крајот, доволно за победа и за титула.
Со ова, Шортс првпат во кариерата освои шампионски трофеј во национално првенство. Пред две години за малку му избега во Бундеслигата, а лани во францускиот шампионат каде во финалето загуби од Монако. Во кариерата освои титули во Лигата на шампионите и Еврокупот, како и Куп на Франција, но дури вечерва се израдува на шампионска титула.
Сега беше убедливо најзаслужен за триумфот, вечерва беше блиску и до трипл дабл, постигнувајќи 27 поени, 10 асистенции и 7 скока. Вечерашниот меч беше последен за него во дресот на Париз бидејќи од идната сезона ќе биде член на Панатинаикос и со него секако ќе атакува на пехарот и во Евролигата.


