И покрај тоа што за три сезони како тренер освои вкупно шест трофеи, Чус Матео и натаму останува најпотценетиот тренер во историјата на Реал Мадрид.
Од засега непознати причини, шпанските медиуми не му се наклонети и секое лето објавуваат информации дека ќе биде сменет и дека, наводно, неговиот наследник е веќе подготвен да го преземе тимот. И ова лето не е исклучок, па непосредно по освојувањето на шампионска титула во АЦБ лигата, до која стигна на доминантен начин, почнаа информациите дека Матео е на излезна врата од Реал.
Според медиумите во Шпанија, тренерската позиција треба да ја преземе Серџо Скариоло, но тој и лани беше поврзуван со Реал, а до договор не дојде. Враќањето на Скариоло не е единствена новост која е најавена бидејќи промени би требало да има и во менаџментот каде главен, наводно, ќе биде поранешниот плејмејкер Серхио Родригес.
Матео беше назначен за тренер на Реал во 2022 година на местото на Пабло Ласо чиј асистент беше осум сезони. Како шеф на стручниот штаб освои по две титули во АЦБ лигата и шпанскиот Суперкуп, а по една во Евролигата и Копа дел Реј. Реалноста е дека има голема заслуга и за шампионската титула во 2022 година кога официјално му беше асистент на Ласо, но поради здравствените проблеми на првиот тренер, Матео ја водеше екипата во плејофот и под негово водство Реал ја совлада Барса во финалето со 3-1 иако немаше предност на домашен терен.


