Репрезентацијата на Белгија останува европски шампион во кошарка за жени откако слично како пред две години, во финалето ја победи Шпанија, со 67-65.
Мечот за титулата во арената „Мир и пријателство“ во Пиреја ќе остане запишано во историјата на европските првенства како еден од најлудите, но и најдраматични. Шпанките водеа во најголем дел од мечот, а се чинеше дека ја завршија работата кога на три минути пред крајот поведоа со 12 поени разлика (65-53).
Следуваше неверојатен финиш на белгиските кошаркарки кои го затворија натпреварот со серија од 14-0, а сето тоа поради невидената индолентност на противничките кои веројатно помислија дека работата е завршена и дека само треба да го сочекаат крајот. Врв на таквото однесување беше акцијата на 17 секунди пред крајот, при водство од 65-64, кога прво мирно ја пренесоа топката преку половина за потоа да им ја подарат на Белгијките, а Делере од тој напад го комплетираше комплетниот пресврт.
За Шпанија останаа пет секунди, во следниот напад дојде до голема конфузија откако еден од судиите покажа лична грешка при шут од центар и потенцијални три слободни фрлања за „фуријата“, но по консултациите, одлуката беше променета и досудени чекори од Карера.
Жули Алеман беше најефикасна кај Белгија со 19 поени, но повторно најзаслужна за триумфот беше ветеранката Ема Месеман која беше блиску до трипл дабл со 16 поени, 11 скока и 7 асистенции. Ајусо, Пуејо и Гинсо со по 11 поени ја предводеа шпанската репрезентација.


