Кошаркарската федерација на Унгарија одлучи каде ќе ги игра натпреварите од претстојните претквалификации за Светското првенство во 2027 година.
Дуелите се на програмата во август, а во групата со Унгарија се Македонија и Романија. Двата меча, Унгарците ќе ги играат во Солнок, град кој се наоѓа на околу 100 километри од престолнината Будимпешта. Тоа значи дека Унгарците ќе ја преселат репрезентацијата затоа што дуелите од квалификациите за Европското првенство, како домаќин ги играше во Сомбатели.

Салата во овој град го носи името Тисалигет, има капацитет од околу 2.200 места, а во неа игра локалниот Солнок Олај кој е нов шампион на Унгарија откако во финалната серија го совлада токму Сомбатели со 3-0. Не е исклучено токму тоа да е основен критериум за одлуката каде ќе игра репрезентацијата бидејќи Сомбатели, каде што Унгарија беше домаќин претходно, доминираше во тамошното првенство претходните пет сезони.
Дуелот меѓу Унгарија и Македонија е на програмата на 9 август, а четири дена подоцна гостуваме во Романија која, според последните информации, најверојатно ќе не пречека во Орадеа.


