Литванскиот центар Јонас Валанчиунас се наоѓа на чекор од премин во Панатинаикос откако доцна вечерва пристигна во Атина за да го комплетира договорот со грчкиот вицешампион.
Тој допатува во грчката престолнина од Вилнус, преку Франкфурт и се очекува до крајот на оваа недела да биде претставен како нов играч на ПАО. Иако се е договорено, проблем прави Денвер Нагетс кој ги има правата на него по трампата со Сакраменто во која беше вклучен Дарио Шариќ и се очекува франшизата од Колорадо официјално да го отпушти Валанчиунас за тој да биде слободен во својот избор.
Извори од САД тврдат дека 33-годишниот центар е подготвен да го раскине договорот со Денвер на своја штета и покрај тоа што за претстојната сезона му припаѓаат десет милиони евра. И нему му е јасно дека им ги расипа плановите на Нагетс, но, како што откриваат литвански медиуми, пресудила неговата и желбата на сопругата да се вратат во Европа по 13 години во САД.
Вечерва Валачиунас пристигна на аеродромот „Елефтерос Венизелос“, но Панатинаикос не дозволил неговото фотографирање, туку Литванецот требало да пристигне инкогнито и со специјално возило да биде превезен во хотел каде ќе остане следните денови. Единствените фотографии ги направиле двајца работници на аеродромот кои го фатиле кошаркарот додека излегувал од авионот.


