Иако пред почетокот на сезоната малкумина веруваа, Виртус ја освои шампионската титула во италијанското првенство, прекиннувајќи ја тригодишната доминација на Олимпија Милано.
За тоа сам се погрижи уште во полуфиналето, а во финалната серија немаше проблеми против Бреша која лесно ја совлада со 3-0 за 17. шампионски трофеј во историјата на клубот од Болоња. Третиот меч се одигра вечерва во Бреша, Виртус славеше со 96-74 и со тоа стави крај на турбулентната сезона во која, сепак, успеа да освои трофеј.
На заминување, најдобар беше Торнике Шенгелија кој го предводеше Виртус во плејофот и вечерва постигна 31 поен и 9 скока. На тој начин се збогува со клубот бидејќи многу веројатно од идната сезона ќе го носи дресот на Барселона.
Титулата има големо значење и за тренерот Душко Ивановиќ кој дојде среде сезона и успеа да го консолидира тимот и да ги оствари целите со тим кој не го селектираше самиот. Италија е петта држава во која освојува шампионска титула по Шпанија, Швајцарија, Србија и Франција и вкупно десетта за него во кариерата.


