Вторпат во својата кариера, Александар Ѓикиќ обезбеди пласман на Европско првенство со една репрезентација, но, како што стојат работите, првпат ќе учествува на ова натпреварување.
Во 2015 година требаше да ја води Македонија откако преку квалификациите се избори за место на континенталниот шампионат, но на неколку месеци пред првенството доби отказ од тогаш новото раководство на Кошаркарската федерација и на негово место беше поставен Марјан Србиновски кој стана селектор на нашата репрезентација. Денеска, Ѓикиќ како селектор на Грузија се пласира на Европското првенство и, ако не се случи слично сценарио, би требало да ја води оваа селекција претстојното лето.
Во клучниот натпревар, Грузија во драматичен финиш ја победи Данска со 62-60 и шести пати по ред ќе учествува на европските првенства. Во последното коло од оваа група, Грузијците гостуваат во Србија, а Финска и Данска во меѓусебен дуел ќе одлучат кој ќе го освои третото место, но тоа нема никакво значење бидејќи Финците како ко-домаќини имаат автоматски пласман на Еуробаскет.


